ДАРКО МИТРЕВСКИ: НАШИОТ ГОЛЕМ ФАЛСИФИКАТ (петти дел)

Нова Македония недела, (петти дел) | 28.11.2015

Кога денешните балкански народи зборуваат за своето славно, грандиозно, фантастично минато (што е инаку омилена тема на овие простори), сите без исклучок забораваат на еден непријатен историски детаљ: елементарната неписменост и неукост на нивните предци во периодот пред деветнаесеттиот век. За тоа колку биле скромни сознанијата и познавањата на тогашниот Балканец, веќе неколку столетија поробен од Османлиите, и колку биле ограничени неговите размислувања, најдобро сведочи мисијата на таткото на бугарската национална преродба: отец Пајсиј. Овој алтруистичен монах, роден некаде во југозападниот дел на денешна Бугарија и школуван во ќелиите на српскиот манастир „Хиландар“ во денешна Грција, очигледно бил доволно аналитичен за да увиди еден акутен проблем кај неговите сонародници. Тој проблем, од перспектива на модерниве балкански времиња преоптоварени со национализам и историја, може да ни зазвучи речиси нестварно: имено, најголемиот дел современици на отец Пајсиј немале речиси никаква идеја за својата историја, потекло и национален идентитет. Можеби би немал ни тој самиот доколку не бил интелектуално љубопитен и немал можност да патува – но, ете, за среќа на многумина, во 1758 година му се укажала шанса да престојува во Сремски Карловци (кои тогаш се наоѓале на територијата на Хабсбуршкото Царство), каде што се сретнал со обемна литература за средновековната византиска, српска и бугарска историја. Сознанијата до кои дошол решил да ги сподели со својот народ, па така ја составил книгата „Историја славјано-бугарска“, со која сакал на Бугарите да им го врати националното самочувствие подучувајќи ги, како низ свои текстови така и низ историски хроники и житија позајмени од други автори, за тоа дека тие не се од небо паднати туку дека имаат свое славно минато и свој идентитет што се разликува и од српскиот и од грчкиот (што во тоа време очигледно на многумина Бугари – а веројатно и на многумина Срби и Грци – не им било баш најјасно).

И како што секоја планинска лавина започнува со најобична снежна грутка, така и оваа неугледна, рачно напишана книга во годините што ќе следуваат ќе предизвика огромни историски промени: враќајќи им ја гордоста на Бугарите, Пајсиј ќе стане зачетник на бугарската национална преродба, која еден век подоцна ќе прерасне во политичка и оружена борба, која ќе доведе до ослободување на Бугарија од отоманско ропство и раѓање на модерната бугарска држава! Но да не брзаме низ вековите и да се фокусираме на времето во кое живеел отец Пајсиј. Тоа е време во кое денешните балкански граници не постоеле, а балканските народи живееле во иста држава. Доколку, како што видовме погоре, тогашните бугарски Словени немале баш јасно изразена етничка свест и дистинкција помеѓу својот идентитет и идентитетот на соседните народи, лесно е да претпоставиме дека таква свест немале ниту македонските Словени. Или со симплифицирани зборови кажано: ако Бугарите не биле сосема сигурни дали се Бугари или пак нешто друго, тогаш ниту македонските Словени не знаеле дали се Бугари или пак нешто друго – а уште помалку пак знаеле дека се некакви Македонци. Но кога со развојот на бугарската национална преродба во декадите што ќе следуваат, сѐ почести, погласни и појасно артикулирани ќе станат идеите за националната посебност на Бугарите (речиси истовремено со сличните процеси на национално „будење“ што паралелно се одвивале и кај Србите и Грците), тој бран на идеи ќе се шири на запад преку Пирин Планина и реката Вардар, сѐ до бреговите на Охридско Езеро, некогашната престолнина на Бугарското Царство. Од сето погоре речено, денес не знаеме (ниту пак можеме некогаш да дознаеме) дали и каква етничка припадност имале татковците и дедовците на струшките браќа Миладинови – но од она што браќата го напишале за себе, дознаваме дека Константин и Димитар се чувствувале како Бугари.

За охриѓанецот Григор Прличев, кој рано останал без татко, нема да згрешиме ако кажеме дека дедо му го воспитувал во грчки дух и го учел да пишува на грчки јазик и грчко писмо – но самиот Григор подоцна ќе се декларира како Бугарин. За велешанецот Рајко Жинзифов знаеме не само дека потекнува од несловенско, влашко семејство, туку дека и името под кое е крстен (Ксенофонт Ѕинѕифи) не било ниту словенско ниту бугарско – но сепак тој подоцна ќе се изјасни како Бугарин. За етничката припадност на македонските преродбеници, впрочем, сведочат и насловите на нивните преродбенички дела: „Книга за научение трих јазиков – славјаноблгарски и греческија и карамалицкои“ од Теодосиј Синаитски, зборникот „Блгарски народни песни собрани од братјата Миладиновци“, „Голема блгарска читанка“ и „Зборник на блгарски народни умотворенија“ составени од Кузман Шапкарев, книгата „Блгарин см“ на Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, првото бугарско издание на Хомеровата „Илијада“ преведена од Григор Прличев… Од друга страна, нема никаков сомнеж дека нивниот јазик се разликувал од бугарскиот: песните од зборникот на Миладиновци се многу поблиски до денешниот македонски литературен јазик отколку до бугарскиот, како што и јазикот на кој пишува Прличев е смеса од охридскиот дијалект и новобугарскиот говор (Прличев дури во еден свој напис и се самокритикувал за своето слабо познавање на бугарскиот литературен јазик: „Бјах, като и днес оште сам, слаб в блгарскија език“).

Во своето дело „Утешение грешним“, игуменот Кирил Пејчиновиќ тој македонски дијалект дури и не го нарекува бугарски, туку го ословува како „прост јазик“ (во смисла дека не е црквенословенски, туку народен – односно јазик што го зборува „простиот“ народ). Единствено лексикографот Ѓорѓија Пулески во својот „Тројазичник“ овој јазик ќе го детерминира како „славјано-македонски“, на што подоцна ќе се надоврзе Крсте Петков Мисирков, кога во книгата „За македонцките работи“ ќе предложи создавање македонски литературен јазик. Дали сево ова укажува на тоа дека македонските Словени биле Бугари? Хм… Кога ова прашање би имало едноставен одговор, веројатно прекуноќ би биле закопани многу воени секири во современите македонско-бугарски односи. Но да не навлегуваме во субјективни толкувања, туку да се држиме до фактите. Фактите, имено, го говорат следното: кога во 1870 година е формирана бугарската егзархија како национална црква на Бугарите, на епархиите во Македонија им е дадено правото референдумски да се изјаснат дали сакаат да останат во рамките на Цариградската патријаршија или, пак, да се припојат кон егзархијата. Две третини од епархиите гласале за припојување и биле означени како „булгар милет“ (бугарска црква), но една третина била против и останала во рамките на грчкиот „милет“. Ова најдобро зборува за јазот помеѓу двата табора, македонските Бугари и славофонските Грци – во суштина припадници на едно исто словенско население.

admin

Napsat komentář

Vaše e-mailová adresa nebude zveřejněna. Vyžadované informace jsou označeny *