ДАРКО МИТРЕВСКИ: НАШИОТ ГОЛЕМ ФАЛСИФИКАТ (шести дел)

Нова Македония недела, (шести дел) 05.12.2015

Историјата вели дека во 338 година пред нашата ера, под здружената команда на кралот Филип Втори и неговиот син Александар, војската на античка Македонија ги поразила здружените војски на Хелените. Цели 2241 години подоцна, поточно на 26 мај 1903 година, угледниот „Њујорк тајмс“ донесува вест, насловена „Македонскиот водач убиен“, со поднаслов „Грчки шпион на Турците им го открил скривалиштето на Делчев“. Неукиот современ македонски читател, опиен од повеќегодишната антиквизација на македонската историја, можеби би помислил дека ете, клетите Грци му се одмаздиле на покојниот император Александар така што го предале неговиот изданок, славниот Гоце Делчев… Истиот тој читател најверојатно би бил шокиран кога би дознал дека токму митот за Александар во тие години бил пропагандно грчко оружје во борбата против Делчев и неговата тајна револуционерна организација!

Збунувачки звучи сево ова, нели?

Можеби и не, доколку се потсетите каде застанав минатата седмица со приказот на деветнаесетвековните состојби во Македонија. Имено, во годините пред Илинденското востание, македонските Словени ќе бидат поделени на два црковни табора: оние што преминале во редовите на новоформираната Бугарска егзархија (македонски Бугари) и оние што останале во составот на грчката Цариградска патријаршија (славофонски Грци или гркомани). Ваквата поделба можеби е помалку генерализирана (бидејќи имало и еден дел од словенската популација што ѝ припаѓал на муслиманската вера, како и разни други делови што или инклинирале кон Србите, или се определиле за унијатство со Ватикан, или, пак, се конвертирале во некоја од протестантските религии итн.), но токму таа егзархиско-патријаршиска поделба ќе биде вовед во територијалната поделба на Македонија.

Во минатите колумни пишував за тоа дека со формирањето и јакнењето на македонската револуционерна организација започнува првата фаза од борбата за обединување на македонските Бугари со матицата, односно припојување на Македонија кон Бугарија. Оваа борба, се разбира, ја воделе револуционерни дејци од егзархиските редови – и не е чудно што нивната кауза не наишла на голема поддршка кај сонародниците од патријаршискиот табор. Патријаршистите својот идентитет не го гледале во Бугарија, туку на сосема друга страна – во приказната за нивното наводно античко потекло. Оваа приказна, верувале или не, била креирана во Атина како дел од планот за создавање на голема Грција (насловен како „Мегали идеа“), во која би влегол и еден голем дел од Македонија: според првичната замисла, сѐ што е јужно од Битола и Демир Капија. Проблемот со тој план бил што во тие делови етничките Грци биле помалобројни од Бугарите – но благодарејќи им на Словените во грчките цркви, грчките верници биле помногубројни од бугарските! За овој есап да биде точен „и дома и на пазар“, односно и во владините кабинети во Атина и на теренот во јужна (денес Егејска) Македонија, било нужно да се смисли силен кохезиски елемент помеѓу Грците и словенските гркомани. И ете, токму митот за Александар, императорот што ги обединил античките Македонци и Грци, послужил како приказна, која имала цел да ги убеди патријаршиските Словени својата иднина да ја гледаат во еден таков политички, верски и национален сојуз со Грците. Еден од најголемите опоненти на тој мит бил гореспомнатиот Гоце Делчев, кој предлагал дури и физичка пресметка со оние што митот го ширеле или, пак, во него верувале – па оттаму е многу веројатно противничката грчка страна да „помогнала“ во ликвидацијата на Делчев во селото Баница. (Денес нема поголема иронија и побезобразна навреда за неговиот лик и дело од тоа што на централниот плоштад во Скопје, столицата на слободна Македонија за која Делчев го положил животот, неговиот споменик е поставен да гледа во копитата на предимензираниот споменик на Александар Велики).

Во годините по погибијата на Делчев и пропаста на Илинденското востание, борбата за превласт над Македонија ќе доведе до отворени оружени судири помеѓу комитите (помагани од Софија, обучувани од бугарски офицери по потекло од Македонија) и андартите (вооружени единици финансирани и вооружувани од Атина, раководени од грчки офицери). Овој судир (кој во грчката историографија ќе остане забележан како „Борба за Македонија“) не е само судир помеѓу Бугарите и Грците за превласт на македонскиот терен, туку е пред сѐ братоубиствена борба помеѓу егзархистите и патријаршистите! Денешната македонска историографија сосема непрофесионално зазема страна во тој судир, славејќи ги дејците на ВМОРО што ја воделе едната страна во судирот (војводите Васил Чакаларов, Лазар Поп Трајков, Лука Иванов, Апостол Петков), но истовремено пропуштајќи да ги спомне нивните бивши другари и соборци што преминале на другата, грчка страна (војводите Коте Христов, Павле Киров, Димитар Далипов, Вангел Георгиев, Геле Трсијански). Но доколку го притиснете со аргументи, дури и еден таков полувешт фалсификатор каков што е македонскиот историчар ќе мора (нерадо) да ви признае дека андартите немале поддршка само во етнички грчките, туку и во словенските села: Лехово, Писодер, Желево, Клисура, Клепушна, Бел Камен, Горно Броди, Вержани, Габреш…

Во тие судири главно страдало цивилното население. Ќе набројам само неколку грчки злодела: „крвавата свадба“ во селото Зеленич, кога андартите на капетан Рувас, заедно со патријаршистите и Турците од истото село, убиле 11 егзархиски сватови; масакрот во селото Загоричани, кога андартите на капетанот Вардас по наредба на владиката Германос Каравангелис убиваат 79 селани; колежот во Кладориби, кога андартите на капетанот Нидас егзекутираат 17 селани… Слични брутални акции имало и од комитска страна: убиено седумчлено гркоманско чорбаџиско семејство од селото Вержани, опожарување на седум куќи во патријаршиското село Клепушна, изгорување до темели на грчкото село Ниси, ликвидации на истакнати гркомани во словенските села Елшен, Горно Броди, Бурсуко, Календра, Секавец… Според британски извештаи, во периодот 1903-1908 година во Македонија се извршени над 3.300 политички убиства на цивили, од тоа 53 проценти егзархисти и 33,5 отсто патријаршисти!

Се разбира, последниов податок нема да го сретнете во ниту еден македонски, бугарски или грчки учебник по историја. Ние, балканските народи, љубиме своите деца да ги учиме дека херојот, доколку е наш, не може да биде убиец. На Балканот, лошите момчиња секогаш се на спротивната страна.
Но во оваа приказна проблемот е во тоа што и спротивната страна била наша.

admin

Napsat komentář

Vaše e-mailová adresa nebude zveřejněna. Vyžadované informace jsou označeny *