ДАРКО МИТРЕВСКИ: НАШИОТ ГОЛЕМ ФАЛСИФИКАТ (четврти дел)

Нова Македония недела, (четврти дел) број 23620 | сабота 21.11.2015

Во почетокот на деветнаесеттиот век Македонија е дел од Румелија (како што Турците ги нарекувале своите поседи на европскиот континент), односно Блискиот Исток (како што гласел општоприфатениот термин со кој тогашните Европејци ги означувале овие територии – иако тој термин по Балканските војни, заради политичка коректност кон новите христијански господари на Балканот, е исфрлен од употреба). Во текот на повеќевековното османлиско владеење со овој регион значително се зголемува неговата турска популација – што со доселување, што со асимилирање, што со прираст на населението. Етничката композиција на другите етнички групи варира во зависност од тоа кој го правел истражувањето, но со споредбена анализа на зачуваните демографски, етнографски и картографски извештаи грубо би можело да се каже дека на териториите северно од солунската низина доминирало словенското население, во нејзиниот јужен дел – грчкото, а во западните делови – албанското население, со одделни меѓусебно неповрзани влашки енклави. Овој распоред не е баш многу хомоген, па во одделни региони се случувало едни покрај други да егзистираат припадници на две, три или повеќе етнички или верски заедници. Христијанското население живеело главно во селата, затскриено од погледот на владејачките муслимани – иако со развојот на раните капиталистички односи започнала неговата миграција кон поголемите населени места, касаби и чаршии. Во големите градови доминирало турското население, а честопати втори по бројност биле сефардските Евреи – кои во петнаесеттиот век дошле од Шпанија и, со благослов од султанот, ги населиле поголемите урбани центри низ Отоманската Империја: Солун, Сараево, Истанбул, Софија, Битола, Штип, Скопје…

Обидете се за миг да го замислите тогашниот православен христијанин (од која било етничка припадност), третокласен поданик во држава во која владее верска сегрегација. По десетици поколенија зачнати од jus primae noctis (насилничко право на феудалецот да спие со жената на својот кмет во првата брачна ноќ, со векови применувано од страна на локалните аги и бегови), неговиот грчки профил или, пак, словенска руса коса полека започнува да им отстапува место на црномурестите расни обележја на силувачите на неговата мајка, баба и прабаба. Смртноста на новороденчињата е голема, шансите да се доживее староста се мали, а дури и она што успеало да ја преживее биолошката селекција било сосила одземано: најрепрезентативните машки изданоци на христијанските семејства биле сосила одвојувани од нивните мајки за да му служат на султанот како идни до смрт верни јаничари, додека, пак, најубавите девојки биле грабани и претворани во харемски конкубини. Во долгите децении на глад и болест, имињата од типот Трајан (роден за да трае), Стојан (роден за да опстои) и Трпан (роден за да истрпи) полека ги фрлиле во заборав имињата од славното предотоманско минато. Всушност, на тоа минато ретко кој и да се сеќавал: без свои образовни и културни институции, со загрозено лично достоинство и колективен идентитет, христијанските народи доста магливо ги паметеле времињата кога не биле робови, туку господари на балканските земји. Грчките сточари, пасејќи ја стоката на остатоците на некогашните антички градови, го гаеле споменот на славната Елада. Српските селани, орајќи ги нивите околу косовските манастири, го зачувале сеќавањето на лозата Немањиќи. Бугарските кметови, пак, одраснати покрај тврдините зараснати во коров, бегло го запомниле периодот на своите две големи царства.

А македонските Словени? За жал, македонските Словени немале свој автентичен спомен – тие биле поданици и на српските кралства, и на бугарските царства, и на големата Византија… Но своја држава никогаш немале, па оттаму немале ниту некаква своја мината слава на која би се сеќавале и која би им помогнала полесно да го истрпат тешкото ропство и да формираат свој идентитет. Еден дел од тие Словени, барајќи спас од маките, се согласил да премине на ислам (при што мнозинството од тие конвертити подоцна биле целосно асимилирани, сосема заборавајќи ги својот словенски јазик и потекло). Поголемиот дел сепак некако успеал, и покрај сите искушенија, да го зачува своето православно културно наследство и религиозна припадност. Овие луѓе (сиромашни, гладни, неписмени, необразовани, неинформирани за тоа како изгледа светот надвор од границите на нивниот пашалак) својот идентитет го граделе како негација на сето она што претставувале нивните господари. Со други зборови, македонскиот православен Словен можеби не знаел што е, но добро знаел што не е: не бил Турчин и не бил муслиман! Дали мислите дека ваквиот човек би имал какви било нијансирани идеи за својата етничка посебност? Тешко!

Се разбира, логично било македонскиот Словен како блиски да ги чувствува сите оние што наликувале на него: Грци, Срби, Бугари, Албанци-христијани… Но и во тие односи имало разни нијанси: католичкиот Албанец не можел да му биде поблизок од православниот Србин (заради верата), како што и Гркот не можел да му биде поблизок од Бугаринот (заради јазикот). Кога грчката Цариградска патријаршија ќе се обиде да ги поништи овие разлики ставајќи ја Охридската архиепископија и сите преостанати словенски цркви под своја јурисдикција, македонскиот Словен реагирал сосема предвидливо – со отпор кон грчките владици и богослужбата на грчки јазик, како и со јавно истакнато барање да слуша нешто што нему му е разбирливо: црковно-словенскиот јазик во црквите и црковните училишта, како и својот народен говор во секојдневната комуникација. Тој народен говор, донекаде различен од бугарскиот и видно различен од српскиот, сепак го немал името со кое денес го етикетираме – македонски јазик. За писмото и правописот со кои тој говор се служел би било беспредметно да зборуваме – пред сѐ затоа што огромното мнозинство од тогашната популација не ни знаело да чита и да пишува, па немало ни потреба од граматика на своите дијалекти (кои варирале од село до село, од еден до друг регион).

Ете, такви биле историските, општествените, културните и социјалните услови во кои, како што нѐ учат нашите учебници, се појавиле деветнаесетвековните преродбеници за конечно македонските Словени да ги подучат дека се… Македонци? Бесрамна и безобразна лага, измислена од македонската историографија!

За тоа што точно се залагале преродбениците, повеќе детали идната сабота.

admin

Napsat komentář

Vaše e-mailová adresa nebude zveřejněna. Vyžadované informace jsou označeny *