ДАРКО МИТРЕВСКИ: НАШИОТ ГОЛЕМ ФАЛСИФИКАТ (деветти дел)

Нова Македония недела, (деветти дел) |сабота 26.12.2015

Една од најбратоубиствените војни во Европа во 19 век секако е австриско-пруската војна од 1866 година (позната и како „германска граѓанска војна“) во која се судриле војските на Германската конфедерација (воено-политички сојуз на 39 држави од германското говорно подрачје, на чие чело стоела Австрија) и северногерманските држави водени од Прусија. По пруската победа, австриската конфедерација се распаднала и дел од нејзините членки преминал на другата страна, што ќе доведе до создавање на обединетата Германија само пет години подоцна. Останало забележано дека австрискиот император Франц Јозеф поразот го прифатил со изјавата: „Нека му се на прускиот кајзер победата и обединувањето – но јас сум владетел на подобрата од двете Германии!“. Од оваа приказна можеме да заклучиме дека во 19 век не постоела јасна дистинкција помеѓу австрискиот и германскиот етнос – и само сплетот на историските околности довел до тоа обединувањето на народите што зборувале германски јазик да се случи под капата (односно круната) на Берлин, а не на Виена. (Од етнолошки аспект интересно е што со ова обединување како „Германци“ ќе започнат да се изјаснуваат и Баварците, народ што по својот фолклор, дијалект, историја, култура и менталитет е многу поблизок до Австријците отколку до Прусите). Нејсе, можеме само да си замислуваме како би изгледал 20 век доколку Австрија победела во овој краток воен судир: дали би се случиле нејзиниот пораз во Првата светска војна, пропаста на Хабсбуршката Империја, раѓањето на австрискиот фашизам и германскиот нацизам, создавањето на Третиот рајх, аншлусот, холокаустот, Берлинскиот ѕид, поделбата на двете Германии – и дали воопшто би постоела држава по име Германија, или пак Ангела Меркел денес ќе беше австриска канцеларка? Но едно е сосема сигурно: на ниту еден пристоен Германец денес не би му текнало да ја доведува во прашање австриската етничка и национална посебност, како што ниту еден нормален Австриец не би ги оспорувал заедничките австриско-германски корени и историја.

 

skopiepazarСе поставува прашањето: ако тоа така галантно можат да го направат два цивилизирани европски народи како што се австрискиот и германскиот, зошто истото тоа не можат да го направат и македонскиот и бугарскиот? Можеби проблемот е до недостигот од галантноста и цивилизираноста – иако постојат и неколку други проблеми, од кои најголеми секако се неостварениот сон за територијално проширување на Бугарите и историските заблуди за некаквоси древно потекло на Македонците. Двете радикални тези, и бугарската, која умислува дека денешните Македонци се Бугари, и македонската, која блада дека Македонците се антички народ, од кој било аспект (историски, политички, етнолошки, филолошки итн.) едноставно се бесмислени. Зошто? Затоа што народите не се шише „кока-кола“ создадено по рецепт што не се менува наредните сто години. Како што видовме во австриско-германската приказна, народите се создаваат по еволутивен пат – и тоа најчесто непланирано, заради сплет од непредвидени историски околности. На пример, да не се побунеле жителите на британските колонии во Северна Америка против високите даноци што им ги наметнал кралот – денес немало да постојат Соединетите Американски Држави. Исто така, да победеле комитите во Илинденското востание, денес немало да има посебна македонска нација и држава – бидејќи планот на илинденците бил преку првичната автономија да се дојде до обединувањето на Македонија со Бугарија.

 

debaralmТокму пропаста на ова востание ќе го поттикне Мисирков да повика на одделување на Македонците од бугарското етничко ткиво и создавање на своја нација, јазик и црква, како единствен спас за Македонија од поделбата што ја насетувал. За жал, неговата идеја ќе пушти корен дури откако ќе се случи таа поделба – и тоа не во новоформираната терористичка организација ВМРО, на која денес ѝ градиме споменици (а која од своето создавање во 1919 година до своето расформирање во 1934а година македонските Словени ги третирала исклучиво како Бугари, и физички се пресметувала со сите оние што мислеле поинаку!). Напротив, таа идеја ќе заживее меѓу македонските интелектуалци со космополитска провениенција, почнувајќи од Димитрија Чуповски и неговиот петроградски кружок, преку Васил Ивановски-Бистришки (автор на делото „Зошто ние Македонците сме одделна нација“), поетите и писателите Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Антон Попов, Венко Марковски, Димитар Митрев, Георги Абаџиев и Коста Рацин, па сѐ до составувачот на македонската граматика Блаже Конески. Кон таа идеја ќе се приклонат и некои од старите илинденци од левицата на ТМОРО (Димитар Влахов, Павел Шатев, Панко Брашнаров итн.), како и новите генерации дејци одраснати во трите дела на Македонија помеѓу двете светски војни (од Андреј Чипов, преку Методија Андонов-Ченто и Михајло Апостолски, до Киро Глигоров). Таа идеја ќе стане темел на партизанското и антифашистичкото движење во Вардарска Македонија, како и на Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт во Егејска Македонија – за преку заседанието на АСНОМ идејата конечно да биде реализирана, а македонската република создадена како држава на македонскиот народ.

Повоените преговори помеѓу Тито, Лазар Колишевски и Георги Димитров (за кои авторот на оваа колумна има слушнато од устата на самиот Колишевски) предвидувале обединување на вардарскиот и пиринскиот дел на Македонија, како прва етапа во обединувањето на Југославија и Бугарија во долгопосакуваната балканска федерација. Којзнае што ќе се случувало доколку овој план не бил попречен од Сталин и резолуцијата на Информбирото: можеби поинаква ќе беше рамнотежата на силите во таквата федеративна држава, можеби немаше да се случат војните на Милошевиќ во 1990-тите, можеби немаше да има антагонизам помеѓу Македонците и Бугарите, можеби заедно ќе влезевме во НАТО и Европската Унија, можеби денес ќе живеевме како побратими? Но како што реков погоре: историјата е сплет на непредвидливи околности. Некогаш добри, некогаш неповолни.

Како и да е, Македонците, кои до 20 век не постоеле како посебен етнос – денес се одделна нација. Таа нација е создадена преку самоопределување, што е легитимен процес и од историски и од политички аспект. Негирањето на нејзината денешна посебност е недемократски и нечесен чин, без оглед на тоа од чија страна доаѓа: бугарска, српска или грчка. Од друга страна, Македонците имаат заедничка историја со Бугарите, Србите и Грците – и таа историја треба да ги поврзува, а не да ги раздвојува. Нема Охрид да стане бугарски град ако признаеме дека Самуил носел бугарска круна, ниту пак Прилеп ќе се посрби ако се согласиме дека Крале Марко бил српски феудалец. Доколку раскрстиме со својата митоманија, доколку ги прифатиме фактите за сопственото минато, доколку престанеме да фантазираме за некакваси „древна античка империја“ и „светото име ВМРО“ – тогаш имаме шанса да станеме зрела и модерна нација.

Доколку не, ќе останеме тоа што сме: исфрустриран народ, раскаран со сите соседи и самиот со себе, кој своите комплекси ги лекува градејќи си измислена слава од стиропор. На таквиот народ нема да му треба историја, туку психијатрија.

(крај на серијалот)

Gallery:

МАКЕДОНСКИ ЕТНОГРАФСКИ РАЙОН
Macedonian ethnographic district

admin

Napsat komentář

Vaše emailová adresa nebude zveřejněna. Vyžadované informace jsou označeny *