ДАРКО МИТРЕВСКИ: НАШИОТ ГОЛЕМ ФАЛСИФИКАТ (втор ДЕЛ)

Нова Македония недела, број 23608 | сабота 7.11.2015

Во своето дело „За македонцките работи“, објавено во 1903 година, уште во првото поглавје насловено „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“ Мисирков го анализира извештајот на руската влада за штотуку пропаднатото Илинденско востание, оставајќи ни прецизен приказ на намерите на револуционерната организација

Во минатото продолжение пишував за лажните претстави врз кои е создаден митот за Македонската револуционерна организација. Преку низа цитати и факти го опишав бугарскиот карактер на организацијата (што е јасно дефинирано во нејзиниот прв устав од 1896 година), за нејзиното подоцнежно еволуирање и напуштање на националниот бугарски предзнак во полза на територијалниот македонски и одрински (што се гледа од промената на нејзиното првично име од БМОРК – Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети – во ТМОРО, односно Тајна македонско-одринска револуционерна организација), како и за лажната фама за „светото име ВМРО“ (кое во тој облик не постоело сѐ до 1919 година, а дури и неговата изворна форма „ВМОРО“ првпат е востановена дури во 1905 година). Некому ќе му звучи навредливо, некому отрезнувачки, но вистината е таа: многу револуционерни дејци што денес ги славиме како „вмровци“ (како на пример Гоце Делчев и Питу Гули) загинале за своите, наводно вмровски идеали – без кога било да слушнале за некаквоси ВМРО.

За ваквите состојби пишува никој друг, ами човекот кого (најверојатно со право) го прогласивме за најголемиот македонски визионер на дваесеттиот век – Крсте Петков Мисирков. Во своето дело „За македонцките работи“, објавено во 1903 година, уште во првото поглавје насловено „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“ Мисирков го анализира извештајот на руската влада за штотуку пропаднатото Илинденско востание, оставајќи ни прецизен приказ на намерите на револуционерната организација. Ќе цитирам некои интересни делови, без никаква лектура на правописот: „…Револуционите комитети, по изражуането на руското правителство, сакаат да создадат бугарска Македонија, а Русија, за која сет блиски и интересите на друзите рисјанцки народности во Македонија, не можит да пожртвуат нивните интереси на Бугарите“. Понатаму, Мисирков вели: „Шумот од организационото движејне најпрво се дигна во самата Бугарија. (…) Не јет ли јасно, како бел ден, оти организацијата јет тесно врзана со Бугарија, со бугарцкото име и бугарцките пари? (…) Тоја комитет, во сашност македонцки, за надворешчниот свет и за рисјаните во Македонија не-егзархисти, беше комитет бугарцки. (…) Кого мислат они (се мисли на револуционерните дејци – м.з.) да излажат со статијите во ’Право’ и друзите ноини, оти сакаат Македонија за македонците? (…) Не треби да се забораат и то, как се изражуваа по европејцките ноини за стражејната на четите со турците: четите се викаа банди бугарцки, а не македонцки. (…) Кого убедија ’Право’, ’Автономија’ и др. дека ратуваат за слобода македонците, а не тије шчо се викат „бугари“ и сет од Македонија и Бугарија?“

Во овој опис за нашава денешна анализа интересни се четири нешта. Прво, Мисирков на ниту едно место македонската револуционерна организација не ја ословува ниту со „ВМРО“ ниту со „ВМОРО“, туку ја нарекува „организацијата“, „комитетот“ или, пак, „револуциони комитети“.

Второ, Мисирков јасно поцртува дека револуционерната организација ја немала поддршката на оние христијани во Македонија што не биле верници на бугарската егзархија, за понатаму во својата книга јасно да опише кои биле тие: прогрчкото словенско население што припаѓало на Цариградската патријаршија, просрпското словенско население што учело во српски училишта и членувало во српски друштва, како и оние македонски Словени што сметале дека не се ниту Бугари ниту Срби – туку се (цитирам онака како што е напишано) „нешчо стредно мегу србите и бугарите“.

Трето, идејата за „Македонија на Македонците“ Мисирков ја дисквалификува како евтин политички трик, кој има за цел да го замаскира бугарскиот карактер на револуцијата.

Четврто, мислењето на Мисирков се совпаѓа со сведоштвата на неговите современици од разни спротивставени страни. Едно од нив е извештајот на српскиот војвода Василије Трбиќ, кој за револуционерното движење во Македонија вели: „Врховистите беа за тоа тој крај веднаш да се присоедини кон Бугарија, а централистите – таа цел да се постигне постепено со посредство на евентуална автономија на Македонија“. Ова не го одрекува ни војводата Милан Матов во своите спомени: „Една фалшива мисла беше пусната в Македонија след Илинденското востание, че врховните комитети в Софија искали присединјаването к’м Блгарија, а ВМОРО иска автономија. По тоја повод през јуни 1906 г. аз бјах в Софија и се отнесох за разјаснение до Даме Груев, които ми одговори следното: Ние сме блгари и всјакога ште работим за обединението на блгарштината. А всички други формули са етап за постигане на таја цел…“

Претпоставувам дека забележувате дека јазикот на кој пишува Мисирков битно се разликува од бугарскиот јазик што го користи Матов и кој го употребувале македонските револуционери во своите преписки. Мисирков во својата книга дури и ги советува македонските интелектуалци да го напуштат помодарското користење на бугарскиот литературен јазик и во преписките да го користат централното македонско наречје. Неговата визија била од тоа наречје, кое го користел обичниот славјански народ во Македонија во својот секојдневен живот, да се создаде македонски литературен јазик, кој ќе биде врзно ткиво за македонските Словени од разни цркви и вери – за потоа околу тоа јазично јадро и територијата на која тој јазик е распространет да се создаде нов македонски ентитет, кој своите права ќе си ги избори по политички пат во рамките на Отоманската Империја. Сѐ друго, сметал Мисирков (а историјата покажала дека е во право), води кон поделба и распад на Македонија.

Јасно е дека овде станува збор за два суштински различни концепта – иако и двата зборуваат за навидум иста идеја наречена „Македонија на Македонците“. Првиот концепт Македонците ги гледа како збир на сите етнички заедници што живеат во Македонија: Бугари, Грци, Албанци, Турци, Власи, Евреи… Другиот предлага обединување на македонските Словени во нова етничка група, која себеси ќе се нарече „Македонци“. За тоа за кој од овие два концепта се залагала тајната револуционерна организација најдобро сведочи членот на ЦК на ВМОРО и подоцнежен член на Президиумот на АСНОМ во своите мемоари издадени во педесеттите години во Скопје: „Под името македонски по тоа време македонските дејатели го разбираа целото население на Македонија, т.е. зборот Македонци имаше поскоро географски карактер. (…) Кога револуционерната организација беше основана и почна да работи, ја започнува својата работа најнапред среде оние Македонци кои се викаа Бугари“.

admin

Napsat komentář

Vaše e-mailová adresa nebude zveřejněna. Vyžadované informace jsou označeny *