Дарко Митревски: НАШИОТ ГОЛЕМ ФАЛСИФИКАТ (ПРВ ДЕЛ)

Нова Македония недела, 8.11.2015

Минатата седмица не пишував колумна бидејќи беше празник. Некои на тоа би додале: празник на секој Македонец. Не сум сигурен дали би се согласил со тоа (ако заради ништо друго, тогаш затоа што имам аверзија кога некој ми наметнува обврска да празнувам!), но секако станува збор за битен историски датум: 23 октомври е ден на кој во Солун шестмина интелектуалци (лекарот Христо Татарчев, книжарот Иван Хаџиниколов, учителите Андон Димитров, Петар Попарсов, Христо Батанџиев и Дамјан Груев) ги удриле темелите на македонската револуционерна организација. Во македонската историја веројатно не постои помитологизиран поим од четирите букви (некои тука би додале: свети букви за секој Македонец, ама јас пак не би се согласил) што ја сочинуваат кратенката на таа организација: „В“ како „високо“, „М“ како „мармалад“, „Р“ како „река Радика“ и „О“ како „Очи“ од Ацо Шопов. Околу тие четири букви и луѓето што на еден или друг начин биле поврзани со нив се испишани еден тон книги и снимени се стотици часови телевизиска програма. Неколку генерации историчари, и во некогашното едноумие и во денешново безумие, направија блескави кариери и се стекнаа со звучни титули остварувајќи една единствена задача: тој мит да биде врежан во камен за никој никогаш да не може да го оспори. Она што го читаме денес по историските читанки, книги и написи не е ништо друго туку нивната со децении китена и шминкана верзија на тој мит. Но, простете, тоа не е историја – бидејќи историјата е наука базирана врз факти. Во овој случај тие историски факти доста се разликуваат од официјалната верзија на нашето минато. Да почнеме од тие четири букви. На 23.10.1893 година не е основано никакво ВМРО, туку шестчлена работна група што себеси се нарекла (цитирам): „Комитет за придобиване политическите права на Македонија, дадени од Берлинскиот договор“. Според записите на самиот Татарчев, неколку месеци подоцна овој комитет се преименува во „Централен македонски револуционерен комитет“, за во наредните две години наизменично да биде ословуван под имињата „Македонски револуционерни комитети“ или „Македонска револуционерна организација“.

Во 1896 година организацијата добива и свој устав, во кој конечно добива свое официјално име. Тоа име ќе го цитирам од насловната страница на уставот и гласи: „Блгарски македоно-одрински револуционерни комитети“. На првата страница на тој устав, во првите два члена се наведени основните цели на таа организација. Ќе ги цитирам еден по еден, онака како што се напишани. Членот 1: „Цјалта на БМОРК е придобивание плна политическа автономија на Македонија и Одринско“ и членот 2: „За постигание на таа цјал, те се длжни да с’будат с’знанието за самозаштита на блгарското населени в казаните в член 1 области…“. Членот 3 одредува кој смее да членува во таа организација: „Член на БМОРК може да биде всеки блгарин…“. Некаде околу 1902 година оваа организација е прекрстена во „Тајна македонско-одринска револуционерна организација“ (ТМОРО), најверојатно за со бришење на бугарскиот префикс во неа да се привлечат и (како што тогаш тоа се нарекувало) „припадници од другите народности“, пред сѐ оние македонски Словени што не биле верници на бугарската егзархија, туку на соперничките православни цркви – грчката и српската (па, оттаму, тие од страна на своите егзархиски собраќа погрдно биле нарекувани „србомани“ и „гркофили“). Таквата промена се одразува и во статутот на организацијата од 1902 година, во кој во членот 1 се вели дека нејзина цел е „обединување на сите незадоволни елементи од Македонија и Одринско, без разлика на нивната народност, за извојување полна политичка автономија на овие два региона“. Измени има и делот во кој се дефинира членството, па така во членот 4 стои дека член на организацијата може да биде секој „македонец или одринец“ (напишани со мали букви, во согласност со бугарскиот правопис). Овде сметам дека е битно на денешниот македонски читател да му нагласам дека со наведената формулација не се дефинирала националната припадност на членовите на организацијата (бидејќи одринска националност ниту тогаш постоела ниту денес постои), туку се вршела промена во курсот на организацијата – нејзин член повеќе не можел да биде секој Бугарин (па дури и оној роден во Пловдив или Стара Загора), туку секој оној што живее на територијата на Македонија и Одринско (а притоа по етничка припадност може, ама и не мора, да биде Бугарин). Името ВМОРО (Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација) организацијата го добива дури во 1905 година, цели две години по Илинденското востание. Причините за промена на името произлегуваат од потребата да се истакне автономијата на организацијата во однос на Бугарија, како и да се нагласат разликите помеѓу Внатрешната организација (составена од „внатрешни“, односно локални револуционери што живеат и дејствуваат во Македонија и Одринско) и нејзиниот софиски пандан и конкурент, Врховниот македонско-одрински комитет (во кој членувале офицери на бугарската армија по потекло од Македонија и Одринско). Во статутот на ВМОРО, донесен истата година (и оверен на конгресот на организацијата наредната 1906 година), овој пат стои дека организацијата им се спротивставува „на стремежите за делба и освојување на овие две области од страна на која било држава“ (вклучувајќи ја и Бугарија, претпоставувам).

Тука некаде е и крајот на приказната. По конгресот започнува расколот во организацијата, тој раскол доведува до меѓусебни атентати, за по Младотурската револуција од 1908 година на организацијата да ѝ се случи целосен распад.

Од различните фракции подоцна ќе произлезат неколку нови организации и здруженија, па дури и две политички партии – за во двете балкански војни мнозинството бивши револуционери да застанат на страната на Бугарија. Па, каде во целата оваа приказна се четирите свети букви? Никаде, ете каде. Името ВМРО датира од 1919 година, кога тројцата некогашни членови на десното крило на веќе непостојната ВМОРО, Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев, основаат нова организација, која ја прогласуваат за наследничка на старата, исфрлувајќи го зборот „одринско“ од нејзиното име (бидејќи одринската област, односно денешна Тракија, по балканските војни ѝ припаднала на Грција) и фокусирајќи се на „обединување на разделената Македонија во нејзините географски граници“. Тоа се истите оние граници за кои македонските националисти и ден-денес ги мечтаат, а во кои спаѓаат и области во кои никогаш немало словенско население – доколку не ги броиме Македонците што секоја година летуваат на Халкидики.

admin

Napsat komentář

Vaše emailová adresa nebude zveřejněna. Vyžadované informace jsou označeny *